Нова повреда на Роналдо

Карло Анчелоти, тренерот на Реал Мадрид, изјави дека повредата на Кристијано Роналдо не изгледа сериозно, но дека Португалецот ќе отиде на дополнителни прегледи.

Во текот на првиот натпревар на Суперкупот на Шпанија со Атлетико Мадрид (1-1), Роналдо се пожали на болки во задниот дел на бутниот мускул, па беше заменет на полувремето.
„Кристијано почувствува болка и не се чувствуваше удобно на теренот. Ќе направиме тестови, но на прв поглед не делува дека е нешто сериозно“, изјави Анчелоти.
Роналдо во последно време има многу проблеми со повреди, што сигурно ги загрижува сите во Реал. Но, не мора да бидат загрижени за Џејмс Родригес, кој го постигна својот прв натпреварувачки гол за кралскиот клуб.
„Беше многу добар, целата екипа беше поконкурентна во продолжението на натпреварот. Голот што го постигна му даде самодоверба. Мислам дека игравме во врвен ритам и дека го контролиравме натпреварот – игравме висок пресинг, задоволен сум од линијата за врска“, додаде тренерот на кралскиот клуб.
 „Атлетико има блага предност, но ќе дадеме сè од себе да го освоиме трофејот во петок“, изјави Анчелоти.
Анхел ди Марија влезе во игра во 78-мата минута, а Анчелоти повторно беше прашан за иднината на Аргентинецот.
„Ди Марија е еден од многуте добри играчи, но тука е Кристијано, кој ја освои Златната топка, и Бејл, кој даде гол во финалето на Лигата на шампионите. Ди Марија е играч и ќе го користам како што сакам“, изјави Анчелоти.
Икер Касилјас бранеше на двата официјални натпревари на Реал досега, а Анчелоти изјави дека одлучил кој ќе биде прв голман оваа сезона (Касилјас или Кејлор Навас), но дека тоа сè уште не сака да го соопшти.