Ливерпул испратил понуда за Балотели

Ливерпул испратил официјална понуда кај италијанскиот Милан за трансфер на напаѓачот Марио Балотели вредна 22 милиони евра, пренесува телевизијата Медијасет.

Како што се наведува, менаџерот на „црвените“ сака италијанскиот репрезентативец, кој има искуство со играње на Островот бидејќи беше член на Манчестер сити, да го наследи Уругваецот Луис Суарес, кој направи трансфер во Барселона.
Исто така, се проценува дека за да почнат официјални преговори, Ливерпул ќе мора да ја покачи понудата бидејќи Милан не сака да ја спушта цената под 25 милиони евра.
Балотели кариерата ја почна во Интер, потоа во 2010 година направи трансфер во Сити, со кого ја освои Премиер лигата, па во јануари 2013 година се врати во Милано, во редовите на градскиот ривал.
За репрезентацијата на Италија одигра 33 натпревари и постигна 13 голови.