Швајнштајгер ќе паузира неколку седмици

Бастијан Швајнштајгер, фудбалерот од средината на теренот на Баерн од Минхен, ќе отсуствува од теренот неколку седмици поради повреда на коленото, изјави претседателот на клубот Карл-Хајнц Румениге.

„Не се работи за една или две седмици, туку ќе отсуствува подолго од тоа“, изјави Румениге и додаде дека се потребни неколку седмици трпение.
Швајнштајгер има проблеми со лигаментите на левото колено и ќе го пропушти натпреварот против Волфсбург во петок, кога Баерн почнува со одбрана на титулата во Бундеслигата.
Румениге изјави дека 30-годишниот играч од средината на теренот ќе го пропушти и пријателскиот натпревар меѓу Германија и Аргентина на трети септември, што ќе биде реприза на финалето на Светското првенство, во којшто Германија по продолженијата победи со 1-0.
Швајнштајгер ќе го пропушти и првиот натпревар во квалификациите за Европското првенство во Франција 2016 година против Шкотска на седми септември.